Ако наш граѓанин се најде со Ковид-19 во болница во Србија или Албанија таа држава ќе ги покрие трошоците
Граѓаните на Северна Македонија, Србија и Албанија ќе ги минуваат границите без ПЦР тестови, а доколку граѓанин поради Ковид-19 се најде во болница во овие земји, државата во која се лекува ќе го преземе трошокот за лекување.
Ова е дел од Меморандумот што денеска го потпишаа премиерите на северна Македонија, Србија и на Албанија, Зоран Заев, Ана Брнабиќ и Еди Рама, како и српскиот претседател Александар Вучиќ, а кој предвидува и министрите за здравство и лекарите од трите земји да соработуваат и да разменуваат искуства во борбата со коронавирусот.
Премиерот Заев, кој беше домаќин на настанот, додаде дека Северна Македонија, Албанија и Србија веднаш ќе почнат да работат на координација околу обезбедување на вакцина против Ковид-19 за нашите граѓани. Земјите меѓусебно ќе се поддржуваат и ќе си помагаат доколку се случи преоптоварување на здравствените системи.