Децата зборуваа - министрите слушаа: Светскиот ден на детето и кај нас
Младите од Македонија денеска ја презедоа Владата од возрасните, со што земјата се вклучи во одбележувањето на Светскиот ден на детето. На тема „За децата од децата - иднината на образованиетo“, тие отворено зборуваа за секојдневните проблеми со кои се соочуваат, за врсничкото насилство, дека не сакаат да учат напамет, туку да го разберат и да научат да го применуваат тоа што го читаат. Младите зборуваа, а возрасните слушаа - министрите Мила Царовска, Венко Филипче, Јагода Шахпаска, Насер Нуредини...
Состанокот на младите со Владата го организира УНИЦЕФ, во рамките на одбележувањето на 31-годишнината од донесувањето на Конвенцијата за правата на децата на Обединетите нации. Учесниците преку видеоконференциска врска ги поздрави премиерот Зоран Заев, кој рече дека конвенцијата е најшироко ратификуваниот документ во цел свет и кој се осврна и на образованието.
Се обрати и Дејвид Гир, амбасадорот на Европската унија во земјава, кој раскажа анегдота: Кога прашал млад волонтер зошто сака да биде дел од акциите на ЕУ, добил одговор: „Зашто не сакаме да бидеме генерација која се жали и ништо не презема“.