Полициски час по 21 часот нема да смени ништо, тврди Филипче
Од трендовите и од анализите на бројките може да се забележи дека епидемијата со Ковид-19 го достигна пикот пред една недела и од тогаш бројките се стабилизирани, на ниво се на едно плато и тоа ни укажува дека R0 факторот на преносливот е 1, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.
Тој потенцираше дека стабилизација се регистрира и кај нас, како и во Европа. Тој смета дека полициски час по 21 часот нема ништо да промени, бидејќи, како што рече, тогаш е прилично празно, не работат угостителските објекти и забрането е групирање на јавни простори.
„Позитивно е што бројот на активни случаи се стабилизира, нешто што исто така се регистрира и во Европа“, рече Филипче на денешната прес-конференција.
Тој апелираше граѓаните да разберат дека во оваа состојба вирусот сигурно ќе опстане и практично е многу широко распространет.
„За секој еден од нас е ризик, мерките мора да се почитуваат. Очигледно е дека даваат резултати. Го немаме веќе оној нагл пораст на број на пациенти, ниту огромниот притисок кон болниците како што беше пред неколку недели. Тој притисок се уште постои, но не со таков интензитет“, рече министерот.
Тој смета дека позитивна вест се информациите кои се однесуваат на процесите поврзани со вакцините против Ковид-19.
„Веќе има вакцини кои се во завршните фази. Очекуваме ковакс системот да профункционира кога ќе почне да ги даваат. Во координација сме во однос на системот на чување и дистрибуирање. Тоа е одлична вест која следната година веројатно ќе ја смени целокупната слика за пандемијата во светот и во таа насока ќе може да очекуваме и стабилизација“, изјави Филипче.