Дебар и Пешкопеја заедно ќе конкурираат за средства од ЕУ
Општина Дебар и околијата Пешкопеја од Албанија формираа заеднички групи за изработка на проекти од сферата на животната средина, со кои ќе конкурираат за добивање на средства од ИПА програмите на Европската унија (ЕУ) за меѓугранична соработка помеѓу Македеонија и Албанија.
На средбата што се одржа во Дебар, дебарскиот градоначалник Хекуран Дука и градоначалникот на Пешкопеја, Дионис Имерај, оценија дека има простор и можности двете погранични општини да реализираат повеќе проекти.
Градоначалникот Дука, за Радио Слободна Европа, изјави дека е договорено да се подтоват два проекта, од кои еден во сферата на животната средина и еден за подобрување на инфраструктура на граничниот премин „Блато“, на македонско-албанската граница, во близина на Дебар, бидејќи локалните власти од обете страни имаат сериозни проблеми со сметот и со загадувањето на водите.
До сега двете погранични општини имаат реализирано неколку заеднички проекти преки ИПА програмите во сферата на руралниот развој, туризмот, културата и агробизнисот, но велат дека има простор и потреба за реализација и на други проекти.
Кенан Мимидиноски