Папата ги повика политичарите и компаниите: Мора да има вакцини за сите
Папата Франциск се молеше да престане страдањето во светот и го истакна единството меѓу луѓето во неговата Божиќна порака на 25 декември, и на верниците им го понуди традиционалниот благослов „Урби ет Орби“.
„Сите сме во ист брод“, рече папата во обраќањето од Апостолската палата, наместо од централниот балкон на базиликата, пред насобраните луѓе на плоштадот Свети Петар, поради ограничувањата и мерките против ширењето коронавирусот.
Папата се молеше за оние кои страдаа поради пандемијата, за жените жртви на семејно насилство, а нагласи и дека вакцините против Ковид-19 треба да бидат достапни за сите, особено за најранливите.
„Ги молам сите, шефовите на држави, компании и меѓународни организации да промовираат соработка, а не конкуренција, да најдат решение за сите - вакцини за сите - особено за најранливите и најсиромашните во сите области на планетата“, рече папата.
Папата зборуваше и за оние кои страдаат од насилство и терор во војната. Тој повика на мир и прекин на огнот во многу земји во светот. Понтифот се осврна и на маките на децата заробени од војната, издвојувајќи ги жртвите во Сирија, Јемен и Ирак, кои треба да ги посети на почетокот на март.