Собранието ја продолжува прекинатата седница, опозицијата најави блокада
Собранието на Реублика Северна Македонија денеска ќе ја продолжи работата, откако доцна синоќа претседателот Талат Џафери ја прекина 19-та седница. Пратениците треба да ја продолжат расправата по измените на Законот за инвалидски организации, за која се пријавени уште 13 говорници.
По исцрпување на дневниот ред на 19-та, претседателот на Собранието најави дека ќе продолжат со работа по преостанатите точки од 20-та седница и, евентуално, да се продолжи по уште две седници на кои, како што рече Џафери, има многу важни точки за граѓаните.
Тој седницата ја прекина на барање на опозицијата, која во расправата по 18 часот реагираше дека се продолжува со работа без да бидат известени за тоа.
Пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ соопшти дека со долги говори сака да ја блокира работата на Собранието со цел да не бидат злоупотребени 33 милиони евра народни пари.
Власта сака на мала врата без доволно информации и консултација со јавноста да се изгласа закон со кој ќе му се признае на Макпетрол сопственост од 50% во гасоводот во Македонија и истиот да му се плати по нереално висока цена од 33 милиони евра иако самата власт вели дека вредноста на влогот на Макпетрол е 18,8 милиони евра, велат во опозициската партија.