Хрватска доби поддршка од ЕУ
Европскиот комесар за кризни ситуациии Јанез Ленарчиќ денеска во Петриња изјави дека дошол во Хрватска за да изрази солидарност и поддршката на ЕУ. Тој изрази сочуство на семејствата кои ги изгубија најблиските во земјтресот кој го погоди регионот.
„Не сте сами. Со вас не е само Хрватска, туку цела ЕУ“ изјави Ленарчиќ во текот на неговата посета на Петриња.
Тој нагласи дека преку механизмот на ЕУ за помалку од 24 часа од 14 земји членки на унијата и Турција понудиле конкретна помош.
„ Тоа е доказ за солидарноста на ЕУ која е активна, постои и ќе продолжи и по првата фаза на спасување и згрижување на луѓето“ посочи европкомесарот.
Тој истакна дека Хрватска во сите фази може да се потпре на поддршката од ЕУ.
Претходно еврокомесарот се сретна во Загреб со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.
Во земјотресот загинаа најмалку седум лица, а многумина беа повредени.
Денеска почна уривањето на оштетените згради во Петриња. Најмалку 50 згради мора да се урнат, бидејќи претставуваат опасност за граѓаните. Во тек се и хуманитарни акции за луѓето кои останаа без домови.