Обвинение против 8 лица за недозволена трговија со културно наследство
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал денеска покрена обвинение против 8 лица за недозволено археолошко истражување во земјава. По повеќемесечна истражна постапка за дела сторени во 2017 и 2018 година обвинителството подигна обвинителен акт за незаконско ископување на археолошки локалитети и локалитети со природни реткости на територијата на државата, пронајдените добра неовластено ги присвојувале и прикривале, а потоа ги продавале на купувачи во земјава и во странство.
Од Обвинителството информираат дека обвинетите меѓусебно разменувале сознанија за позиционираноста на одредени археолошки локалитети и локалитети што содржат природни реткости и по пронаоѓање на истите, со неовластена употреба на метал – детектори и сонди, вршеле недозволени пребарувања.
„Со употреба на погодни алати, недозволено ги ископувале археолошките локалитети и локалитетите што содржат природни реткости, а пронајдените добра под привремена заштита, културни наследства и природни реткости со непроценлива вредност, сопственост на Р.С. Македонија, неовластено ги присвојувале. Потоа, добрата ги прикривале на безбедни непознати локации и во домовите на обвинетите В.М., И.Д и А.Б. до пронаоѓање на неовластени купувачи“ се вели во соопштението.
Обвинетите неовластени им продавале значајни добра на купувачите од земјата и од странство. Купувачите добрата под привремена заштита, односно културно наследство и природните реткости со непроценлива вредност ги изнесувале надвор од државата, во странство и со тоа трајно ги отуѓиле на штета на државата.
Според Обвинителниот акт сите обвинети, тројца како организатори и петмина како припадници на групата, сториле кривично дело „злосторничко здружување“.