Почина македонскиот виолинист Зоран Џорлев
На 53-годишна возраст, денеска почина познатиот македонски виолинист и професор, Зоран Џорлев. Беше редовен професор по виолина, директор на ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје и на Националниот ансамбл „Танец“.
Џорлев е роден 1967 година во Струмица. Во 1989 дипломирал виолина на Факултетот за музичка уметност. Работел 14 години во оркестарот при Македонската опера и балет, од кои последните 3 години бил заменик-концерт мајстор.
Бил член на младинскиот камерен оркестар при МММ под раководство на проф. маестро Фимчо Муратовски, како заменик и концерт мајстор, потоа член на Македонскиот камерен оркестар под раководство на маестро Ванчо Чавдарски и член на многу камерни оркестри и на Македонска филхармонија. Во јануари 2011 беше назначен за директор на националниот Ансамблот за народни игри и песни „Танец“, каде остана до август 2017 година.