Судскиот совет разреши судија од Кривичниот суд за несовесно работење
Судскиот совет на денешната седница разреши судија од Основниот кривичен суд Скопје со образложение за „нестручно и несовесно вршење на судиската функција“. Претседателот на Судскиот совет, Киро Здравев, денеска информираше за ова и кажа дека постапката за разрешувањето на судијата се водела околу една и пол година, но не сакаше да открие за кого станува збор.
„Не можам да ви кажам за кого одлучувавме, меѓутоа факт е дека на денешнта седница имавме посебна точка за утврдување на одговорност на судија и нашата одлука е дека се разрешува од функцијата судија на конкретниот суд, поради повреда на одредбите од судскиот деловник по однос на примената на системот“, изјави Здравев по завршувањето на седницата.
Тој додаде дека „нестручното работење на судијата“ е утврдено за период од две до три години. Како една од причините поради кои толку време се водела постапката, Здравев го посочи недоаѓањето на конкретниот судија на закажаните расправи.
Подетално за предметот, како што рече, неможе да каже од причини што мора да се почитува презумпција на невиност, а кога „одлуката ќе стане правосилна, Советот ќе објави во Службен весник“.