Обвинителството поведе постапки за случајот со возачките дозволи
Постапки против осум лица, вработени во скопското Одделение за управни работи при Министерството за внатрешни работи (МВР), поведе Основното јавно обвинителство Скопје кои се осомничени дека сториле кривично дело – Злоупотреба на службона положба и овластување, соопшти Обвинителството.
Осомничените ја искористиле својата службена положба и овластување за повеќе граѓани креирале барања, спроведувале процедури и одобрувале изработка на возачки дозволи за Б категорија, иако барателите немале положено возачки испит и не се стекнале со право за поседување возачка дозвола, наведува ОЈО.
За еден од осомничените е доставен предлог до Кривичниот суд за определување мерка притвор, поради опасност од бегство и можност да го повтори делото.
„За останатите седуммина предложени се мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиштето/престојувалиштето, обврска привремено да се јавуваат во Основниот кривичен суд Скопје, како и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело“, велат од Обвинителството.
Надлежниот јавен обвинител поведе и постапка против 31 друго лице кои извршиле поттикнување при извршување на наведеното кривично дело, односно се јавувале како баратели на возачки дозволи, иако немале положено возачки испит, наведуваат од ОЈО.