Спасовски: Кривични пријави за 8 вработени во МВР за случајот „Возачки дозволи“
Осум лица кои се вработени во Министерството за внатрешни работи (МВР) се под истрага, поднесени им се кривични пријави, ќе бидат суспендирани и против нив ќе се водат и дисциплински постапки, бидејќи тие биле директно вклучени во нелегални коруптивни активности за издавање на возачки дозволи на лица кои немале положено возачки испит, изјави на денешната прес-конференција министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
„Поднесени се и кривични пријави и уште против 28 граѓани кои вршеле поттикнување на ова кривично дело. Истрагата продолжува и ќе се гледаат сите аспекти од случајот“, рече Спасовски.
МВР вчера до Основното јавно обвинителство Скопје поднело кривична пријава против 36 лица, од кои осуммина вработени во МВР, поради сомнение дека издавале возачки дозволи за пари. Поднесена е пријава и против 28 граѓани поради сомневање дека сториле поттикнување во извршување на наведените кривични дела.
Сузбиена група што издавала возачки дозволи за пари
Според МВР, пријавените службени лица вработени во Одделението за управни работи Скопје искористувајќи ја својата службена положба и овластување на 28 граѓани, спротивно на законските прописи, без да имаат положено возачки испит и без потребната документација, извршиле електронско креирање на документација со внесување на лажни податоци, истата ја одобриле за изработка, по што им биле издадени возачки дозволи за управување на моторни возила.