Пендаровски негира средба со роднините на обвинетите за Монструм
Претседателот Стево Пендаровски, во врска со случајот „Монструм”, никогаш немал средба со семејствата на обвинетите, ниту пак има какви било информации и сознанија во врска со убиствата, добиени од домашни институции или од странски извори, ниту во периодот пред да биде избран за претседател ниту потоа.
Ова е денешната реакција од Кабинетот на претседателот по изјавата на Бедри Ајдари, роднина на една од жртвите во петкратното убиство кај Смилковски езеро во 2012. Ајдари синоќа во емисија на ТВ21 изјави дека, наводно, „Пендаровски му рекол дека ако се открие вистината може да има војна“.
„Претседателот ја разбира болката на семејствата кои ги изгубија своите деца и најблиски во убиството кај Смилковско езеро, како и желбата на семејствата на обвинетите да се открие вистината за целиот тој настан. Претседателот Пендаровски секогаш се залагал и за овој и за сите други кривично-правни настани вистинските извршители да ја добијат заслужената казна и никој невин да не лежи во затвор, ако за тоа нема докази утврдени во судска постапка“, се наведува во реакцијата од Кабинетот на Пендаровски.
Завршни зборови на одбраната во Монструм: Исконструиран случај
Случајот „Монструм“ е во фаза на завршни зборови и се чека пресуда од повторната судска постапка. Обвинителството побара најстрога казна за обвинетите, а одбраната пред Судо вчера рече дека случајот е исконструиран и без докази. Роднините на жртвите бараат „да се каже вистината“. За убиство на Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и Борче Стефановски, во претходна постапка на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута. Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири и им определи мерки на претпазливост.