Македонија одбележува 149 години од раѓањето на Гоце Делчев
Во Македонија денеска се одбележуваат 149 години од раѓањето на револуционерот и визионер, Гоце Делчев. По тој повод, на неговиот гроб во црквата „Св. Спас“ во Скопје е одржана панихида, а повеќе делегации положија цвеќе. Во име на Владата, цвеќе на гробот на Делчев денеска положи заменик-министерот за локална самоуправа, Зоран Димитровски, а собраниската делегација ја предводеше потпретседател на Собранието, Горан Мисовски. Од СДСМ цвеќе положија Марија Георгиевска, претседателка на ОО СДСМ Карпош и Александар Димитриевиќ, потпретседател на СДММ. Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ цвеќе положија генералниот секретар Ѓорѓи Сајкоски, потпретседателот Владо Мисајловски и претседателката на Унија на жени, Жаклина Пешевска.
„Денеска, 4 февруари, на денот на раѓањето на великанот и инспираторот на македонското национално револуционерно дело – Гоце Делчев, се сеќаваме и оддаваме почит на неговиот историски придонес во создавањето на македонската државност“, напиша премиерот Зоран Заев во обраќањето по повод годишнината од раѓањето на Делчев.
„Името и делото на Апостолот на ВМРО – Гоце Делчев, отсекогаш претставувало инспирација на македонскиот патриотизам во борбата за создавање на независна македонска држава“, напиша денеска на Фејсбук, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Гоце Делчев е роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола. Како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата. Учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО (1896), а до 1901 година бил задграничен претставник на ВМРО во Софија. На 4 мај во 1903 бил убиен од турска војска во селото Баница. Делчев се смета за еден од најистакнатите дејци на македонското револуционерно движење. Саркофагот со неговите посмртни останки од 1946 година се наоѓа во црквата „Св. Спас“ во Скопје.