За македонските граѓани кои се вакцинирале во Србија, втора доза во Македонија
Од српскиот министер за здравство Златибор Лончар и побарав да ми даде список од наши граѓани кои се вакцинирале во Србија. Списокот ни е потребен оти планираме нашите сограѓани кои веќе се вакцинирале во Србија да се ревакцинираат во Македонија, информираше денеска министерот за здравство Венко Филипче.
„Утрово разговарав со српскиот колега Лончар и побарав од него да ми даде список од наши граѓани кои се вакцинирале во Србија. Тие што се вакцинирале таму, планирано е да се ревакцинираат дома. Апсолутно ќе имаме доволно дози за ревакцинација. Денеска завршуваат сите административни работи во Агенцијата за лекови во однос на дозволата за вакцините на „АстраЗенека“ и веќе од среда ќе започне процесот на имунизација. Вкупно 20.000 граѓани ќе добијат термини за вакцинација. Јас нема сега да се вакцнирам, ќе почекам да стигне поголема доза. А кога ќе имаме, ќе се вакцинирам со „АстраЗенека“ со цел да докажам дека е безбедна вакцината. Ги уверувам граѓаните дека сите вакцини се проверени и безбедни“, рече Филипче.
Според српските здравствени власти, само викендов во Србија биле вакцинирани 22 илјади странски државјани, од БиХ, Црна Гора, Македонија...
Вакцинирањето почнува во среда, во СЦ Борис Трајковски во Скопје, со лица над 75 години кои ќе бидат исконтактирани од нивните матични лекари. Тие ќе добијат прва доза од вакцините на АстраЗенека, од пратката од 24 илјади вакцини кои вчера стасаа во Македонија преку КОВАКС механизмот.
„Конкретно за вакцината на АстраЗенека, нашиот експертски тим ја презема препораката за ревакцинацијата да се случи за три месеци. Оваа препорака е само за вакцините на АстраЗенека, додека, пак, за другите вакцини е препорачано ревакцинацијата да се случи по две недели“, рече денеска Филипче.