Исламската држава ја презеде одговорноста за смртоносниот напад во Мозамбик
Организацијата Исламската држава (ИД) денеска ја презеде одговорноста за нападот во градот Палма во Мозамбик, во кој беа убиени десетици луѓе, вклучително и странски работници. ИД за новинска агенција Амак потврди дека стои зад нападот, велејќи дека ја презеле контролата над градот по повеќедневни борби со безбедносните сили и тврдат дека убиле најмалку 55 луѓе, вклучително и војници и дека урнале згради и заплениле возила.
Во соопштението од терористичката организација објавено на нивните канали на Телеграм се наведува дека го освоиле стратешкиот град Палма по тридневните борби против против воените и владини сили, при што биле убиени десетици луѓе.
Владата на Мозамбик вчера потврди дека десетици луѓе биле убиени во нападот на Палма, започнат на 24 март. Меѓу нив имало најмалку еден јужноафрикански државјанин. Британскиот весник „Тајмс“ објави дека е убиен и британски државјанин.
Палма е сместена во провинцијата Кабо Делгадо, каде што од 2017 година делуваат исламистички бунтовници поврзани со Исламската држава. Градот со 75 илјади жители денеска беше напуштен, откако илјадници жители ги напуштија нивните домови, бегајќи со возила, бродови и пеш.