Почина академик Богомил Ѓузел
На 82-годишна возраст почина академик Богомил Ѓузел - поет, раскажувач, драмски писател, есеист кој беше припадник на третата повоена генерација македонски писатели што се појавува во втората половина на педесетите години на дваесетиот век, која со своето дејствување изврши модернизација на македонската литература и ја внесе македонската култура во Европа и светот.
Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), каде Ѓузел беше редовен член, со жалење ја извести јавноста за смртта на академикот. МАНУ ќе одржи Комеморативна седница преку видеоконференциска врска, за што јавноста дополнително ќе биде информирана.
Академик Ѓузел е роден на 9 февруари 1939 година во Чачак, Србија. Тој дипломирал во 1963 година на Катедрата за англиски јазик и литература на Филозофскиот факултет на Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје.
Творечкиот опус на академик Богомил Ѓузел опфаќа повеќе од 230 библиографски единици, од кои триесетина се поетски збирки, над 90 единици се објавени песни во антологии, списанија, зборници и сл.
85 единици се преводи на дела од странски автори, 23 единици се прозно творештво, како и редакции и уредништва на антологии, зборници, списанија и сл. За творештвото на академик Ѓузел се напишани голем број на критики и осврти, како од домашни, така и од странски автори.