Обвинение за екс претседателот на ДИК за набавката на софтверот за избори
Јавното обвинителство денеска соопшти дека е поднесено обвинение против
поранешниот претседател на Државната изборна комисија, Оливер Деркоски, тројца вработени во ДИК и еден управител на економски оператор. Тие се товарат за „злоупотреба на службена положба и овластување“ при спроведување на две јавни набавки со што го оштетиле Буџетот за 1 312 409,00 денари или околу 21 илјада евра.
Според обвинението, тројца вработени во ДИК, како членови на Комисијата за јавни набавки не го почитувале минималниот законски рок за поднесување понуди, не утврдиле дека економскиот оператор ДУНА ДОО Скопје не ги исполнува условите за учество во постапката и притоа не спровеле правилна постапка за евалуација на доставените понуди, туку понудата ја оцениле како прифатлива и доделиле максимален број на бодови.
„Врз основа на Извештајот од спроведена постапка, првообвинетиот О.Д. како претседател на ДИК без да изврши контрола на постапката за евалуација на понудите, донел одлука за избор на најповолен понудувач. Откако постапката била поништена, првообвинетиот спротивно на мислењето на Бирото за јавни набавки, донел одлука за спроведување на постапка со преговарање без објавување на оглас и притоа по негови насоки биле намалени критериумите за вреднување на економските оператори во делот на квалитет. Покани за поднесување понуди за Набавка на нови и надградба на постојните софтверски решенија во ДИК биле испратени до два економски оператори и во повторената постапка повторно како најповолен понудувач бил избран економскиот оператор ДУНА ДОО со кој првообвинетиот потпишал Договор за јавна набавка.“, се наведува во соопштението.
Иако бил должен, како што се наведува, пред да го потпише Договорот и пред да го имплементира софтверот да обезбеди негово тестирање заради утврдување дали истиот ги исполнува бараните услови, тој не го сторил тоа и дозволил истиот да се пушти во употреба без спроведено тестирањето и без направен квалитативен и квантитативен прием на услугата од Договорот. На ваков начин за економскиот оператор била прибавена корист- право да учествува во постапка за јавна набавка и да склучи договор на износ од 899.999,00 денари.
ДИК била под компјутерски напад, но има проблем и со апликацијата
Во постапката за набавка на телевизори, според соопштението, покани биле испратени до 5 економски оператори на контакт адреси што не биле регистрирани во Бирото за јавни набавки, а единствениот понудувач бил економскиот оператор ТАРДИС ДООЕЛ Скопје.
„Обвинетиот А.Ш. како претседател на Комисијата за јавни набавки, спротивно на правилата, иако знаел и бил свесен дека обвинетиот И.В. како овластено лице на единствениот понудувач е изготвувач на техничката спецификација, ја евалуирал понудата и во Извештајот за спроведена постапка, без да присуство на членовите на комисијата, дал предлог понудата да биде избрана за најповолна понуда. Обвинетиот О.Д. го прифатил предлогот и донел Одлука за избор на најповолен понудувач за предметната набавка“, се посочува во соопштението.
На ваков начин, како што се наведува, за економскиот оператор била прибавена корист- право да учествува во постапка за јавна набавка и да склучи договор на износ од 412.410,00 денари со вклучен ДДВ.