По прекин на огнот продолжија борбите во Авганистан
Борбите меѓу талибанските и авганистанските владини сили продолжија и денеска во немирната јужна провинција Хелманд, соопштија официјални лица, ставајќи крај на тридневниот прекин на огнот, договорен од завојуваните страни, за одбележување на празникот Рамазан Бајрам.
Имало судири на периферијата на главниот град на Хелманд, каде се забележани интензивни борби откако САД го започнаа последното повлекување на војската од Авганистан на почетокот на овој месец, изјави авганистански воен портпарол и локален официјален претставник.
„Борбите започнаа рано денес и се уште траат“, изјави Атаулах Авганистан, шеф на покраинскиот совет во Хелманд.
Тој рече дека талибанските милитанти ги нападнале безбедносните контролни пунктови. Портпарол на авганистанската армија на југот потврди дека борбите се обновени.
„(Авганистанските сили) ја започнаа операцијата ... не ја ставајте вината на нас“, тврди портпаролот на талибанците Забихула Муџахид.
Тридневното примирје беше обележано со неколку напади, вклучително и бомбашки напад во џамија во главниот град, при што загинаа 12 верници, вклучително и свештеникот кој ги водеше молитвите.
Експлозија во џамија во Кабул, најмалку 12 загинати
Екстремистичката група Исламска држава (ИД) ја презеде одговорноста за нападот на 14 мај. ИД исто така, тврди дека разнела неколку електрични мрежни станици. Тоа го остави главниот град Кабул во мрак во поголемиот дел од тридневниот празник што следеше по постот.
Авганистанските мировни напори запреа откако владата поддржана од Западот во Кабул и талибанците започнаа разговори во Катар во септември 2020 година, и покрај меѓународните напори за почеток на преговорите. САД се залагаат за забрзани разговори бидејќи ги повлекуваат последните од 2.500-3.500 војници, а НАТО останатите 7.000 сојузнички сили.