Криминална група од Тајван вршела измами преку кол центри во скопско Бардовци
Од Министерството за внатрешни работи денеска соопштија дека сузбиле криминална група од Тајван што вршела телекомуникациски измами и трудова експлоатација на државјани на таа земја. Во акцијата, соопшти полицијата, приведени девет лица-државјани на Тајван. Криминалната група функционирала во повеќе земји, а македонската полиција за акцијата се координирала со тајванските колеги и со ИНТЕРПОЛ.
„Млади луѓе од Тајван биле регрутирани од страна на т.н. „синдикати“ за да работат во странство. Повеќето од младите не ги знаат сите детали за работата која треба да ја вршат се додека не стигнат до крајната дестинација. По пристигнувањето тие се физички ограничени во куќата, т.н. „кол центар за телефонски измами“ и немаат пристап до нивните пасоши и мобилни телефони. Тие се принудени да работат со часови без да им бидат исплаќани надоместоци или плати. Жртвите биле тепани доколку не ги почитуваат наредбите“, посочуваат од МВР.
Од таму појаснуваат дека телефонските оператори од прво ниво се претставувале лажно дека се службеници во банка или поштенска служба или службеници за осигурување, а операторите од второ ниво лажно се претставувале како полициски службеници за да приберат целосни лични податоци и барале доказ за извршена уплата за некаква казна. На третото ниво операторите им се претставувале како обвинител или судија и ги убедувале жртвите дека ќе бидат соочени со тешки обвиненија доколку не соработуваат и доколку не ги префрлат парите на назначените сметки со цел намалување на казната или ослободување од казна.
„Во координација со ОЈО за ГОКК-Скопје и добиена наредба од судија на претходна постапка, на 7 мај 2021 извршени се претреси на две локации во населба Бардовци, Скопје. На првата локација затекнати и приведени се шест членови на криминалната група, како и 25 жртви (сите државјани на Тајван), а на втората локација еден член на криминалната група и 10 жртви (сите државјани на Тајван). Дополнително, детектирани се уште две лица од криминалната група, кои биле сместени во хотел во Скопје, како и уште четири лица-жртви, кои биле сместени во друг хотел во Скопје. Вкупно идентификувани се 39 жртви на трудова експлоатација“, се наведува во соопштението.
По добиени насоки од јавен обвинител, додаваат од МВР, сите обезбедени материјални докази ќе бидат предадени на надлежните служби за спроведување на законот од Тајван, заедно со идентификуваните жртви и лицата идентификувани како членови на меѓународната криминална група, за нивно натамошно процесуирање во Тајван, каде се обвинети за повеќе кривични дела.