Слонови се шетаат низ кинески град со седум милиони жители
Крдар слонови од резерватот кај кинеската граница со Лаос и Мјанмар синоќа стигнале до околината на Кунминг, град со седум милиони жители во провинцијата Јунан, објави новинската агенција Синхуа.
Околу 15 слонови, меѓу кои и три младенчиња, кон средината на април го напуштија резерватот Сишуангбана и тргнаа кон север. Од тогаш слоновите поминаа 500 километри.
Телевизиите пренесоа снимки од слонови кои ноќе шетаат низ градовите и застануваат да јадат во полињата со пченка. Слоновите минатата недела испразниле еден резервоар со вода, а од почетокот на патувањето уништиле околу 56 хектари посеви вредни околу 870 илјади евра. Власта се обидува да ги намами слоновите со храна и со блокирање на автопати.
Зоолозите не разбираат што ги навело слоновите да го напуштат резерватот.
Слоновите се заштитени животни во Kина и живеат исклучиво во туристичкиот и тропски дел на Сишуангбана.