Ангеловски во конкуренција за тренер на Фенербахче
Македонскиот селектор, Игор Ангеловски е еден од кандидатите за тренерското место во Фенербахче, пишува турскиот весник „Хуриет“, кој посочува дека турскиот клуб ќе изврши интервјуа со повеќе тренери, пред да го соопшти изборот.
Последни нови кандидати за ова место по хрватскиот селектор Златко Далиќ се неговиот сонародник, Славен Билиќ, Ангеловски и Криштоф Даум.
Билиќ откако доби отказ од Вест Бромвич Албион минатата година, од јануари работи со кинескиот Беижинг Гуоан, со кој има договор до декември 2022, што е најголема пречка за неговото поставување. Турските медуми пишуваат дека Б-планот на Фенербахче се Ангеловски и поранешниот тренер на Фенер, Криштоф Даум.
Ангеловски - Има наследници на Пандев
Фенербахче е трет клуб кој се поврзува со Ангеловски, откако од пред почетокот на Еуро 2020, италијански медиуми објавија дека два калчилигаши се заинтересирани за македонскиот селектор – Џенова, чиј член е Горан Пандев, како и ривалот на најстариот клуб на Италија, Сампдорија.