УНХЦР алармира - без вакцини ќе останат лицата без државјанство
Без вакцина против ковид-19 ќе останат многу од лицата без државјанство во светот, поради немањето на основен доказ за својот идентитет, предупредува денеска Агенцијата на ОН за бегалци – УНХЦР. Според шефицата за Меѓународна заштита при УНХЦР, Џилијан Тригс, постојат милиони лица во светот за кои се знае дека се без државјанство.
„ Ова има страшно штетни влијанија врз нивните основни човекови права, а сега тие исто така може да бидат исклучени од пристапот до вакцините што спасуваат животи“, вели Тригс.
Во последниот извештај за влијанието на КОВИД-19 врз популациите без државјанство, Агенцијата забележува дека мнозинството национални планови за имунизација не се доволно јасни како и дали воопшто ќе бидат вакцинирани лицата без државјанство.
„ Со оглед на тоа дека многу лица без државјанство веќе се соочуваат со широкораспространето исклучување и маргинализација, пречките до пристапот мораат да се отстранат и оваа ситуација да добие особено внимание“, се вели во соопштението од УНХЦР.
Според податоците на УНХЦР најмалку 4,2 милиони лица без државјанство живеат во 94 држави.