Сијарто: секогаш ќе се појави некое прашање заради кое не може да почнат преговорите со С. Македонија
Го почитуваме ставот на Софија дека прашањата кои тие сега ги наметнуваат се важни за нив. Нашето барање е да дадат доволно време да се најде решение за прашањето со Скопје и паралелно со тоа да започнеме преговори за зачленување во ЕУ. Овие две работи да течат паралелно, изјави министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто во Штип.
Рама и Заев - ЕУ така блиску, а така далеку
Тој на новинарско прашање кои земји застанаа во одбрана на С. Македонија вчера во Луксембург и дали навистина имало тензични расправи, потврди дека атмосферата била тензична, но оти не би сакал да потпалува поголеми огнови од она што е неопходно.
„Едно е сигурно дека навистина атмосферата била многу напната на состанокот на Советот вчера, бидејќи државите кои се залагаат за проширувањето, како Унгарија, почувствувавме доста голема фрустрација, затоа што секогаш ќе се појави некое плус прашање, некоја работа заради која не може да се започнат преговорите со Северна Македонија. Со години водевме преговори со Грција и кога тоа се случи, се заврши, кога помисливме дека е готово, тогаш се појавија Бугарите“, изјави Сијарто во Штип каде заедно со шефот на дипломатијата Бујар Османи учествуваа на македонско-унгарски бизнис форум.
Министерот Османи, пак, рече дека процесот оди понатаму и според него ќе зависи од исходот на Самитот на лидери на ЕУ утре и задутре во Брисел и дали блокадата за старт на преговорите ќе биде потврдена и од бугарскиот претседател Румен Радев.
Софија останува на ставот- нема напредок за Скопје во ЕУ
Официјална Софија вчера одлучи да не ја промени позицијата за македонската евроинтеграција и остана на ставот дека не се исполнети нивните барања за преговарачката рамка меѓу С.Македонија и ЕУ и условите за одржување на првата меѓувладина конференција.