Церемонијата за отворање на Олимпијадата во сенка на коронавирусот
Свечената церемонија за отворање на одложените Олимписки игри во Токио се одржа пред речиси празен Олимписки стадион, додека организаторите се трудат да го извлечат настанот од под сенката на пандемијата на коронавирус. Церемонијата почна во 13 часот по македонско време пред помалку од 1000 луѓе на стадионот со 68 илјади седишта.
Петнаесетина светски лидери ќе присуствуваат на церемониите кои се очекува да не бидат толку раскошни како пред пандемијата во која досега починаа над 4 милиони луѓе во светот. Организаторите пред две недели одлучија натпреварите да се играат пред празни трибини, откако беше прогласена вонредна состојба во Токио поради растот на случаи на коронавирус.
Невообичаени Олимписки игри во Токио
Поголемиот број земји ќе испратат само дел од нивните спортисти на церемониите во Токио поради претпазливост. Досега повеќе од 100 луѓе акредитирани од Олимпијадата, меѓу кои и спортисти, биле позитивни на тестот за коронавирус. Во Токио денеска се регистрирани 1359 нови случаи на коронавирус, а бројот постојано расте и покрај тоа што градот е во вонредна состојба. Олимписките игри Токио 2020 лани беа одложени поради пандемијата.