Претставници на Туркменистан, Узбекистан и на Русија разговарале со водачот на талибанците
Претставници на Туркменистан, Узбекистан и на Русија разговарале со шефот на политичката канцеларија на талибанците во Катар, во услови кога во регионот има зголемена загриженост за тековната офанзива на милитантите низ Авганистан.
Талибанците би можеле да го заземат Кабул за 90 дена
Портпаролот на талибанците, Забихула Муџахид денеска за РСЕ рече дека водачот на талибанците Мула Абдул Гани Барадар имал средба со заменик-министерот за надворешни работи на Туркменистан, Вепа Хаџиев и со узбекистанскиот претседателски претставник во Авганистан, Исматула Иргашев. Тие се сретнале вчера во Катар, за да разговараат за ситуацијата во Авганистан. На состанокот биле разгледани и регионални прашања како трговијата меѓу Авганистан и поранешните советски републики во Централна Азија, рече портпаролот.
Барадар се сретнал и со Замир Кабулов, претставник на рускиот претседател Владимир Путин.
Од први мај почна офанзивата на талибанците низ Авганистан, откако САД и сојузниците почнаа со најавеното повлекување на своите трупи од земјата. Повлекувањето треба да заврши до крајот на месецот. Како се наближува тој рок, талибанците заземаат сè поголема територија од Авганистан. Поради нивната офанзива, се претпоставува дека стотици Авганистанци, вклучувајќи војници и локална полиција, избегале во други соседни земји од Централна Азија. Успесите на талибанците ја поттикнуваат загриженоста дека владата во Кабул, поддржана од Запад, може да пропадне.