Дендијас - Треба да се имплементира секоја буква од Преспанскиот договор
Грција е и може да биде ваш најголем пријател и соработник, рече денеска грчкиот министер за надворешни работи Никос Дендијас, кој е во официјална посета на Скопје. Тој изјави дека неговата земја ја поддржува С. Македонија и целиот Западен Балкан на патот кон Европската унија.
„Изборот што го направивте да стоите до нас, да одите по патот до големото европско семејство е вистинскиот избор за добробит на вашиот народ. Треба да продолжи имплементацијата на Преспанскиот договор кој е основа за подобрување на заемните односи и влез на земјата во европското семејство“, рече Дендијас на заедничката прес-конференција со неговиот домаќин министерот Бујар Османи.
Дендијас вели дека Грција е задоволна од она што досега е направено во насока на спроведување на Преспанскиот договор.
Тој вели дека договорот не е бирократска работа туку треба да се имплементира секоја буква и за тоа, како што рече, има временска рамка. Грчкиот министер вели дека треба да се спречат појаснувања на договорот кои се погрешни и го попречуваат неговото спроведување.
Министерот Османи го информирал својот соговорник дека Владата на Северна Македонија продолжува да биде посветена на реализирањето на обврските предвидени со Преспанскиот договор, изразувајќи уверување дека Грција ги препознава и вреднува нашите напори, што ќе биде дополнителен мотив, што побргу да биде завршена ратификацијата на неколку меѓународни договори во грчкиот парламент. Со тоа дополнително ќе се овозможи унапредување на билатералната соработка во дадените сегменти.
Дендиас и Османи разговарале и регионални теми, за соработката во економијата и инфраструктурата.
Грчките инвеститори, рече Дендиас, во Северна Македонија имаат 1 милијарда евра инвестиции, дека обезбедуваат 20 илјади работни места, но и оти иско воуслови на пандемија взаемната трговска размена изнесувала околу 800 милиони евра.
Дендијас останува шеф на грчката дипломатија
Освен со министерот за надворешни работи на Северна Македонија, шефот на грчката дипломатија ќе се сретне со претседателот Стево Пендаровски, со премиерот Зоран Заев, вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, како и со претседателот на Собранието Талат Џафери.