По 39 години во кома, почина поранешен француски фудбалер
Некогашниот француски фудбалер Жан-Пјер Адамс почина денеска на 73-годишна возраст, по 39 години поминати во кома.
Адамс, за кого се грижеше неговата сопруга Бернадет во нивниот дом во Ним, на југот на Франција, беше во кома од 1982 година.
Тој го повреди коленото за што беше потребна операција, но после грешка на анестезиологот за време на операцијата, тој паднал во кома.
Адамс уште како момче го напуштил родниот Сенегал поради фудбалот, а Ним го открил во 1970 година. Тој постигнал 10 гола на 98 натпревари за клубот, по што премина во Ница каде што имаше 150 настапи и 17 гола.
Во 1977 година, Адамс премина во Пари Сен Жермен каде што играше две сезони. Играчката кариера ја заврши во 1981 година. За француската репрезентација одиграл 22 натпревари.