Тетовец однесен во затвор поради непочитување на здравствените протоколи
Жител на Тетово на 50-годишна возраст е приведен за да биде однесен во затвор како осуден за кривичното дело „непостапување според здравствени прописи во време на епидемија“. Тој вчера во градот бил приведен за издржување на затворската казна.
Наместо во изолација, полицијата нашла две тетовки во кафеана
Портпарол на СВР Тетово Марјан Јосифоски информира дека по кусото задржување во Полициската станица Тетово, уапсениот бил спроведен во Казнено-поправната установа Затвор „Тетово“ за издржување на казната.
Тој не соопшти колкава казна треба да отслужи уапсениот. Според законот, максималната казна за тоа дело е една година затвор.
Стотици луѓе беа казнети со парични казни за непостапување според здравствени прописи во време на епидемија, најчесто за прекршување на полицискиот час, а некои и за прекршување на препишаната домашна изолација.