Рама: Никој не може да и држи лекции на Албанија
Албанскиот премиер Еди Рама, чиј нов, трет по ред владин кабинет треба да биде изгласан денеска, при презентацијата на владината програма, задржувајќи се на иницијативата „Отворен Балкан“ повторно ја критикуваше Приштина што не се приклучила на иницијативата. Тој одлуката на Приштина ја оцени како избрзана. Според Рама Косово си игра со незнаење и порача да стане дел од оваа иницијатива, затоа што од неа корист имаат сите Албанци.
Рама вели дека сагата за конфликтот Косово-Србија никогаш не се затвора со изолација, туку само со отворање, пристапување кон проблемот, дискусија.
„Отворен Балкан не е игра на Србија. Отворен Балкан не е руски или кинески заговор за заживување на Југославија. Тоа не е отстапување од интеграцијата. Сето ова се приказни на гугл, со непријател кого Косово, Албанија, конечно го победија како непријател во вистинската војна со топови и пушки, благодарение на САД и најголемите европски сојузници. Секому треба да биде јасно дека Отворен Балкан не е „српска игра“, туку „ пород на Берлинскиот процес“, изјави денеска Рама.
Преговори со ЕУ, Отворен Балкан и Косово -приоритети на албанската надворешна политика
Тој на критичарите на оваа иницијатива им порача дека на Албанија не може да и се држат предавања и за нејзините суверени одлуки не може да се преговара никаде, а времето ќе покаже кој е во право.
„Косовските власти треба да ја донесат одлуката, додека наше е само да ги почитуваме. Сепак, албанските власти одлучуваат за Албанија и тие мора да ги почитуваат нашите одлуки. Ако не ни се допаѓаат одлуките, треба да разговараме за нив, но никогаш да не ги прогласуваме за предавници, проруси и просрби, оние кои размислуваат поинаку, играјќи со незнаење“, истакна во својот говор Рама.