И во Македонија трета доза вакцина против ковид, но не за сите
Се препорачува трета доза на вакцина против ковид-19 за луѓето над 60 години, како и за здравствените работници и за хронично болните, без разлика на која возраст се, изјави денеска на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче. Третата доза ќе биде од Фајзер, без разлика со која вакцина лицето претходно е вакцинирано со две дози.
Во државата вчера пристигаа 100 илјади дози од вакцините на Фајзер и 50 илајди од Синовак.
Министерот за здравство најави и дека земјата може да добие донација од Данска од 250 илјади дози вакцина од производителот Џонсон, кои досега ги немало во земјава.
На вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 778.408 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 1.482.287 дози вакцини, а ревакцинирани се 703.878 граѓани, соопшти Министерството за здравство.
Досега вакцинирани над 778 илјади граѓани
Со последните бројки 55 отсто од населението над 40 години имаат примено барем една доза вакцина и 31 процент од населението над 18-39 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.
Филипе најави дека наскоро ќе се објави планот за тестирање на ученици со брзи антигенски тестови.
Во врска со големата смртност како последица на ковид, министерот рече дека ќе се прави една поголема анализа, но дека за тоа е потребно време.