Џафери го вратил предлогот за формирање Анкетна комисија за пожарот во Тетово
Претседателот на Собранието Талат Џафери ја вратил доставената Предлог-одлука за основање Анкетна комисија за утврдување на факти и одговорност за пожарот во модуларната болница во Тетово, оти предлогот не е во согласност со Уставот, односно не го содржи уставното име. Предлог одлуката се враќа како неуредна, се наведува во одговорот потпишан од Џафери на поднесената Предлог-одлука од пратеници од ВМРО-ДПМНЕ.
Истата, се наведува во одговорот, треба да се усогласи во рок од 15 дена.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски претходно денеска на прес-конференција рече дека добиле неофицијална информација дека собраниското мнозинство ја одбива Предлог-одлуката за формирање на Анкетна комисија.
До обвинителството стигнала документацијата за набавката на ковид болницата во Тетово
„Сметаме дека со ваквиот потег, парламентарното мнозинство не сака да се расчисти овој случај и не сака да добијат одговор прашањата кој ја носи политичката и кривичната одговорност за оваа трагедија која чинеше 14 човечки животи. Сметаме дека г-динот Зоран Заев се уште тактизира за да го заштити министерот Филипче, а пратеничкото мнозинство СДСМ – ДУИ за да ги заштити и надлежните во Општина Тетово и во клиничката болница во Тетово, рече Милошоски.
На 8 септември во модуларната болница во Тетово загинаа 14 луѓе.