МНР на Албанија: Србија да ги повлече вооружените сили од косовска граница
Албанското Министерство за надворешни работи реагираше во врска со случувањата на северот на Косово, „изразувајќи загриженост за однесувањето на Србија“.
„Министерството за Европа и надворешни работи на Република Албанија е многу загрижено поради ескалацијата на ситуацијата на северот на Република Косово и најостро ги осудува вандалските дејствија на некои лица. Ништо не ја оправдува употребата на насилство, оштетување на јавниот имот и непочитување на законот. Министерството за Европа и надворешни работи бара овие вандали да бидат изведени пред лицето на правдата“, стои во официјалната реакција на Министерството.
Српски борбени авиони ја надлетуваат административната граница со Косово
Се додава дека Албанија е особено загрижена за распоредувањето на српските вооружени сили во близина на границата со Косово и воените авиони кои прелетуваат во близина и над воздушниот простор на Косово, кои ги „поттикнуваат поединците да провоцираат немири и насилство, како и да го дестабилизираат Косово“.
Овие акти, се оценува, се косат со меѓународните договори, кои имаат за цел да обезбедат ред и стабилност во тој дел од регионот.
Албанското МНР ја повикува Србија да ги повлече своите вооружени сили во близина на границата, бидејќи, како што стои, провоцираат насилство и посочува дека единствено решение за намалување на тензиите е дијалогот и оти Албанија ќе продолжи да ги поттикнува страните за тоа.
„Ја повикуваме Србија да ги повлече своите вооружени сили испратени на границата со Косово и да работи за итна деескалација на ситуацијата. Ги повикуваме сите актери да покажат воздржаност и веднаш да се упатат кон дијалог, како единствен начин за напредување и решавање на отворените прашања во духот на соработката, на кои Албанија е неповратно посветена, во своите билатерални и мултилатерални напори“, се наведува понатаму во реакцијата.
Тензиите меѓу Косово и Србија се зголемија пред пет дена по одлуката на косовската влада за воведување на пробни косовски таблички за возилата со српски регистарски ознаки. Србите од северно Косово поради тоа ги блокираа патиштата кон граничните премини Брњак и Јариње кон Србија.
Србија, која не ја призна својата поранешна покраина како посебна нација и ја смета својата граница со Косово како „административна“ и привремена граница, со години симнува регистарски таблички од автомобили регистрирани од Косово, кои влегуваат во Србија. Возачите треба да платат пет евра за привремена регистарска табличка од 60 дена.
На граничните премини се распоредени косовски специјалци, а српски воени авиони ја надлетуваат граничната линија.