Дипломатот Миленкоски бара да му се суди во Македонија
Македонскиот дипломат, Миле Миленкоски кој е вмешан во македонско-ерменската афера и кој беше уапсен во Србија кон крајот на август бара да биде екстрадиран и да му се суди во Македонија.
„Од страна на Судот ми беа доставени доказите од Ерменија. Во нив нема ништо што би укажувало на моја вина, ниту пак може да има. Копија од доказите е доставена до надлежните институции во РСМ. Верувам дека РСМ е правна држава и, оттаму, верувам дека надлежните ќе покренат брза постапка, со оглед на фактот дека во доказите за случајот се опфатени 7 лица, од кои 6 се државјани на РСМ. Притоа, РСМ би побарала од Република Србија да бидам префрлен во РСМ. На овој начин правдата би била задоволена и случајот комплетно разрешен, што е моја најголема желба во моментов“, пишува Миленкоски во писмото кој преку своето семејство го испратил до редакцијата на „Слободен печат“.
Дипломат Миленкоски имал безбедносен сертификат издаден од УБК и за него немало барање за безбедносни проверки
Миленкоски беше уапсен во Србија според меѓународната потерница издадена по него од ерменскиот Интерпол, поради „илегален премин на граница извршен од група по претходен договор или со употреба на сила или закана“. Миленковски е во екстрадициски притвор во Србија, каде што се чека комплетирање на документацијата, по што може да биде екстрадиран во Ерменија.
Миленкоски имал безбедносен сертификат издаден од поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање(УБК) на 9 февруари 2019 година, соопшти Агенцијата за национална безбедност (АНБ). Миленковски бил дипломатот во Мисија во ОБСЕ во Виена.