Џафери- Лекциите од минатото да се научат, поделбите не носат ништо добро
Претседателот на Собранието, Талат Џафери во неговата честитка по повод денешниот државен празник, 11 Октомври- Денот на народното востание порача дека оваа година е посебно значајна, затоа што се одбележуваат јубилејни 80 години од денот кога борците на антифашистичката генерација се исправиле решително и несебично во борба за слобода и достоинство, положувајќи го најскапоценото во глобалната битка на доброто против злото.
„Тие ја избраа потешката, но исправна страна и со тоа ги сочуваа своето достоинство, човечноста и солидарноста, но над сѐ, го дадоа својот придонес за подобар, похуман и поцивилизиран свет, свет без болка, солзи, без поделби и тага“, наведе Џафери.
Одбележување на 11 Октомври – Денот на народното востание
Тој порача дека желбата за слобода придонела и во градењето на државноста и затоа денес им се одава почит на сите кои имале удел во таа борба со цел сите да можат да ги уживаат благодетите на животот во слободна, силна и демократска држава, која од минатата година со членството во НАТО, како што рече, и самата е контрибутор во светскиот мир и поредок.
„Битно е, лекциите од минатото да се научат, да се запомнат и никогаш повеќе да не се повторат затоа што, поделбите никому не носат ништо добро и во овој свет само сплотеноста носи кон прогрес. Драги граѓани, Ви посакувам да имате убав празничен ден! Честит 11 Октомври- Денот на народното востание!“, вели Џафери во неговата честитка.