Заев: владата не може напред ако Скопје влече назад
Во своето прво јавно појавување по обраќањето утрината по локалните избори премиерот и претседател на СДСМ Зоран Заев денеска на прес конференцијата во партиското седиште рече дека добиле жолт картон од граѓаните, а дека од тоа дали ќе ги послушаат ќе зависи и дали картонот ќе стане црвен.
„Оваа опомена која ни ја дадоа граѓаните ќе се рефлектира и врз промена на работата и на општинските, но и на централните институции и на владата. Ние нема што друго да им кажеме на граѓаните освен благодариме, примено, постапуваме. Не од следниот мандат, не од по изборите, не од наредниот понеделник, сега“, рече Заев.
Мапата на ДИК- 50 нијанси на црвено и кој со кого во втор круг
Тој рече дека во вториот круг одат во четириесетина општини меѓу кои и Скопје кое како што нагласи, ја влече земјата напред.
„Јас и влада предводена од мене не може да продолжи ако градот Скопје и општините урбани и рурални уназадуваат. По сите основи, по основи на интеграциите, по основа на едно општество за сите, по основа на модерната изградба на Скопје или преку кичерајот. Не одат тие едно со друго. Затоа на 31 октомври се однесува на се, комплетно, целосно“ рече Заев.
На прашањето дали ова значи дека ако СДСМ не го добие Скопје владата не може повеќе да работи Заев рече „јас не можам да водам влада да движи во спротивни правци“ но не даде прецизен одговор.
„Нема напредок ако Скопје продолжи назад. Затоа 31 октомври не е само избор за решавање на комуналните проблеми. 31 октомври е избор каде оди државата.. Може ли државата да оди напред ако во Скопје се вратат галии, жални врби и нов кичерај. Мојата влада, нашата влада, може да води напред само ако и Скопје влече напред“, рече Заев.
Беса, ДОМ, ЛДП и други партии тврдат дека остануваат во владината коалиција
Тој упати благодарност до партнерите од владината колација кои, како што наведе, денеска во текот на целиот ден јасно порачаа дека остануваат во владината коалициа чија стабилност се доведе во сомнеж откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски најави дека е можно ново мнозинство. Неговата партија на изборите во неделата доби градоналници во прв круг во 22 општини, а СДСМ во девет. Битката во Скопје во вториот круг ќе се води меѓу актуелниот градоначалник Петре Шилегов од СДСМ и а Данела Арсовска поддржана од ВМРО-ДПМНЕ. Таа влегува во вториот циклус со предност од 7 805 гласа.