Претседателот на Уганда смета дека експлозијата во главниот град е терористички чин
Претседателот на Уганда Јовери Мусевени денеска ја нарече „терористички чин“ експлозијата во која загина едно лице, а повеќе беа повредени во главниот град Кампала.
„Изгледа дека се работи за терористички чин, но ние ќе ги најдеме сторителите“, напиша Мусевени на Твитер, наведувајќи дека има еден загинат и петмина повредени.
Експлозијата се случи синоќа околу 21 часот, во квартот Кавемпе во северниот дел на Кампала каде што се наоѓаат популарните ресторани. Полицијата синоќа соопшти дека се испитува дали се работи за намерно подметната експлозија.
Амнести Интернешнл: Владите ја користат пандемијата за кратење на човековите права
Мусевени вели дека му е пренесено дека три лица оставиле пакет на тоа место, кој после тоа експлодирал.
Претседателот изјави дека граѓаните не треба да стравуваат и дека ќе излезе на крај со тој криминален чин, како што правел и претходно.
Во Уганда на сила е полициски час од 19 часот поради коронавирусот, но не се спроведува еднакво насекаде.
Екстремистичката организација Исламска држава на 8 октомври ја презеде одговорноста за бомбашкиот напад врз полициски пункт во Кавемпе, каде што се случи и синоќешната експлозија.
Велика Британија и Франција тогаш предупредија дека треба да се биде внимателен на местата со голема посетеност и на јавните места, како ресторани, барови и хотели во Уганда.