Иран и ЕУ ќе разговараат за иранското нуклеарно прашање
Иранскиот министер задолжен за нуклеарни прашања Али Багери оваа недела во Брисел ќе се сретне со европскиот преговарач Енрике Мора за да разговараат за продолжувањето на иранските нуклеарни преговори, изјави портпаролот на шефот на европската дипломатија Петер Стано. Тој, сепак, додаде дека не е планирана средба со високиот претставник на ЕУ Жозеп Борел, кој ги координира преговорите за нуклеарниот договор меѓу големите сили и Иран во 2015 година. ЕУ врши притисок врз Иранците да ги продолжат преговорите започнати во Виена за спасување на нуклеарниот договор од 2015. Преговорите беа прекинати од јуни, кога беше избран новиот ирански претседател.
Координаторот на ЕУ за нуклеарни преговори во посета на Иран
Али Багери на својот Твитер профил објави дека в среда ќе се сретне со координаторот на иранскиот договор во Брисел со цел продолжување на преговорите. Борел, кому му беше кажано дека иранскиот преговарач сака да се сретне со него, рече дека е подготвен да го прими, но не и да преговара. Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека е подготвен да ја врати Америка на договорот од кој неговиот претходник Доналд Трамп се повлече во 2018 година, под услов Иран, паралелно, повторно да почне да ги почитува обврските од тој договор. Договорот беше потпишан во 2015 година од САД, Британија, Кина, Русија, Франција и Германија и понуди укинување на дел од меѓународните санкции во замена за драстично намалување на иранската нуклеарна програма, која беше ставена под строга контрола на ОН.