Словенечката полиција ги истражува заканите кон премиерот Јанша и други политичари
Словенечката полиција денеска потврди дека истражува поштенски пратки во кои им се заканувале смрт на високи државни функционери и на заштитени лица. Полицијата била известена за пет пратки со слична содржина, со непосредни смртни закани, и во секоја имало по еден куршум за пушка, изјави Стојан Белшак од Секторот за криминалистичка полиција во Љубљана. Тој додаде дека истрагата се уште е во почетна фаза на прибирање информации кои треба да доведат до сторителот, а за други детали не може да зборува поради интересот на истрагата.
Јанша: Пред проширувањето да се решат односите меѓу Македонија и Бугарија и Србија и Косово
Во неделата медиумите објавија дека премиерот Јанез Јанша и министерот за одбрана Матеја Тонин на своите домашни адреси примиле пратки со смртна закана, што подоцна и официјално беше потврдено. Покрај премиерот и министерот, пратки со иста заканувачка содржина добиле и две пратенички групи и еден пратеник, наводно претседателот на Словенечката национална партија Змаго Јелинчиќ, објавија вчера словенечките медиуми. Претставниците на повеќе партии остро ги осудија како недозволиви сите форми на закани и насилство, а претседателот на Собранието Игор Зорчиќ ги повика сите политичари да бидат толерантни и умерени во комуникацијата.