Британија ја предупреди Франција дека може да се одмазди поради спорот со рибарството
Велика Британија би можела да нареди задржување на повеќе француски бродови, како одмазда кон Франција бидејќи задржа британски рибарски брод во француските води, предупреди британскиот министер за животна средина во нова ескалација околу спорот за рибарството по Брегзит, пренесува Би-Би-Си.
Британското Министерство за надворешни работи ја повика француската амбасадорка во Лондон за да ги објасни активностите на Париз.
„Очигледно секогаш имаме можност да ги засилиме мерките што ги спроведуваме кон француските бродови, да приведеме повеќе од нив, доколку тоа е она што им го прават на нашите бродови“, изјави за Би-Би-Си британскиот министер за животна средина Џорџ Јустис.
„Постојат и други административни работи што можеме да ги бараме од бродовите. Тоа не е нешто во кое сакаме да влегуваме“, рече Јустис.
Британскиот рибарски брод „Корнелис Герт Јан“ беше задржан во северното пристаниште „Авр“, откако екипажот не успеа да докаже дека има дозвола да лови риби во француските територијални води.
Јустис рече дека Лондон во моментов е фокусиран на обидите да го реши проблемот со Европската комисија и францускиот амбасадор во Лондон.
„Очигледно ја задржуваме можноста да возвратиме на пропорционален начин“, рече Еустис.
Франција предложи потенцијални санкции против Велика Британија доколку нема напредок во преговорите, вклучително и дополнителни царински проверки на британските стоки од 2 ноември и намалување на извозот на електрична енергија во Велика Британија.
Францускиот министер за земјоделство Жулиен Денорманди во петокот за „ТВ Франс 2“ изјави дека нема напредок во преговорите меѓу Франција и Британија за дозволите за риболов по Брегзит и дека е правилно Франција да размисли за санкции против Велика Британија.