Јавниот долг намален на под 60 отсто од БДП
Јавниот долг заклучно со третиот квартал падна под 60 отсто од бруто домашниот производ, колку што е определено со мастришкиот критериум на Европската унија, позиционирајќи се на ниво од 59,3 проценти од БДП, соопшти Министерството за финансии, додавајќи дека ова ја покажува добро поставената фискална политика и доброто управување со јавните финансии и во време на пандемијата со Ковид-19.
МФ: Годинава раст од 4,1 и инфлација од 2,1 отсто
Од Министерството информираат дека јавниот долг во третиот овогодишен квартал забележа намалување од 3,8 процентни поени во однос на второто тримесечје од 2021 година, односно од 63,1 отсто се намали на 59,3 проценти од БДП.
Согласно денеска објавените податоци на Министерството за финансии, јавниот долг изнесува 6,95 милијарди евра, додека на 30 јуни 2021 изнесувал 7,387 милијарди евра.
Намалувањето на долгот се должи пред сè на исплатата на Еврообврзницата издадена во 2014 година, во износ од 500 милиони евра.
Министерството за финансии додава дека нивна цел е стабилизирање на долгот под 60 проценти, за до 2026 година тој се намали на 57,7 отсто.