Талибанците бараат САД да ги ослободи парите на Централната банка на Авганистан
Талибанците ги повторија повиците до Вашингтон за ослободување на парите на Централната банка на Авганистан блокирани од американските Федерални резерви, додека земјата опустошена од војна се соочува со една од најтешките хуманитарни кризи во светот.
Во писмото до американскиот Конгрес, в.д. министерот за надворешни работи на талибанската влада Амир Хан Мутаќи вели дека ситуацијата во Авганистан станува сè полоша со приближувањето на зимата.
Одлуката на САД да ги замрзнат средствата на земјата им штети на обичните Авганистанци, вели Мутаќи во писмото објавено денеска. Тој предупредува дека ако кризата во земјата продолжи, тоа може да поттикне бегалски бран кој ќе се одрази во целиот свет.
Откако талибанците ја презедоа власта во Авганистан во август, САД замрзна скоро 9,5 милијарди долари кои ѝ припаѓаат на Авганистанската централна банка и ги запре пратките со готовина.
Овој потег е дел од кампањата за притисок, чија цел е да ги натера новите владетели на Авганистан да формираат инклузивна влада и да ги почитуваат правата на жените и на малцинствата.
Меѓународниот монетарен фонд претходно соопшти дека Авганистан веќе нема да има пристап до нивните ресурси. Светската банка исто така го запре финансирањето на проекти во Авганистан. Освен укинувањето на странската помош, Авганистан страда од тешка суша годинава.
Програмата за храна на ОН минатиот месец предупреди дека милиони Авганистанци оваа зима може да се соочат со глад поради комбинација со суша, конфликти и ковид-19 ако не се преземат итни мерки.
ОН-Авганистан се соочува со тешка хуманитарна криза
Повеќе од половина од популацијата на Авганистан, скоро 23 милиони жители, се соочуваат со несигурност за храна, додека 3,2 милиони деца под пет години може да страдаат од акутна неухранетост.
Шефот на програмата за храна Дејвид Бисли рече дека Авганистан „сега е меѓу најлошите хуманитарни кризи во светот, ако не и најлошата“.