Македонија им обезбеди привремен престој на четворица авганистански новинари
Четворица авганистански новинари, кои биле во опасност од новите власти во Авганистан, утринава пристигнале на Меѓународниот аеродром Скопје, информираше прес-службата на Владата.
Се работи за новинари кои работеле во радио и во телевизиски станици во локални медиуми и дописници за странски медиумски куќи, а по падот на тамошната влада во август, добивале закани по живот од талибанците, се наведува во денешното соопштение од Владата.
Тие во земјава ќе добијат привремен престој до заминување во трета држава по барање на Меѓународната организација на новинари и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.
Откако слетале во Скопје им е направена безбедносна проверка и ПЦР тест. Тие ќе бидат привремено сместени во Скопје, а трошоците во целост се покриени од организацијата Новинари за човекови права.
За седуммина граѓани на Авганистан обезбеден траен престој во Португалија
Во земјава во моментов престојуваат 534 граѓани на Авганистан за кои институциите им ја обезбедуваат и пружаат потребната поддршка и помош.
Од земјава досега заминаа 85 граѓани на кои траен престој им обезбедија Франција, Грција, Ирска, Португалија, Бразил и САД.