Тројца осомничени за обидот да се убие јавен обвинител
Основното јавно обвинителство Тетово поведе постапка против три лица – двајца полнолетни и еден малолетник, кои се осомничени за обидот за убиство на обвинител од гостиварско.
Истражна постапка ќе се спроведува против двајцата полнолетни соизвршители, а по предлог на обвинител, Судот им определил и мерка 30 дена притвор. За малолетникот, пак, постапката ќе се води според Законот за правда на децата.
Истрагата ја презема Обвинителството во Тетово за да се обезбеди непристрасност, со оглед на тоа што оштетениот е јавен обвинител во Основното јавно обвинителство Гостивар.
Во соопштението од Тетовското обвинителство се наведува дека обидот за убиство се случил во во раните утрински часови на 21 ноември, кога осомничените соизвршители, заедно со малолетник на возраст од 17 години, се обиделе со умисла да го лишат од живот јавниот обвинител.
Со нож нападнат обвинител во Чегране, Гостиварско
Тројцата, против кои сега е поведена постапка, го удирале обвинетиот, а малолетникот со нож го прободел во грб.
Гледајќи дека осомничените имаат намера да го довршат делото и да го лишат од живот, оштетениот извадил пиштол кој го поседувал со дозвола и испукал предупредувачки куршум во воздух со што ги запрел, стои во соопштението.