Со протест почна изградбата на метро во Белград
Денеска во Макишко поле во Белград започна изградбата на депо за идното метро. На местото на изградбата се собраа екологисти и лидери на неколку опозициски партии, кои се противат на планот за изградба на метро во Белград, оти на тоа место е најголемиот извор на вода во Белград.
Демонстрантите сметаат дека со изградбата се загрозува изворот на вода. Луѓето кои протестираат не дозволуваат возилата и градежните машини да поминат, јавуваат репортерите на РСЕ од Белград.
Според најавите на властите, првата метро линија од Макишко поле до населбата Мирјево, треба да биде завршена до 2028 година, а до 2030 да биде завршена и втората линија од Мирјево до Бежанија.
Покрај кинеската компанија „Пауер Чајна“ која е задолжена за градежните работи, во изградбата на метрото се вклучени и француски компании кои ќе работат на обезбедување композиции и изградба на потсистеми.
Градежниот факултет на Универзитетот во Белград на 27 октомври соопшти дека нема да учествува во понатамошната реализација и развој на проектот бидејќи има забелешки на Нацрт-планот за генералното регулирање на железничките системи во Белград и „остро“ се противи на предложеното решение за белградското метро.
Како главни проблеми ги посочија решенијата на трасите на метрото, како и планираниот редослед на изградба на тие линии.