Косово би можело да ги изнајмува своите затвори на Данска
Косово и Данска разменија писма со намери, според кои Косово во следните десет години треба да издаде 300 затворски ќелии, од кои би имале корист од 210 милиони евра.
Ова на прес-конференција на 20 декември во Приштина го потврди министерката за правда Албулена Хаџиу, објаснувајќи дека размената на писма меѓу двете страни е само првиот чекор кон постигнување договор за изнајмување затворски ќелии и истакна дека тој мора да биде ратификуван од Собранието со две третини од гласовите на пратениците.
Затворениците од Данска треба да бидат сместени во селото Пасјак кај Гњилане, на околу 40 километри од главниот град Приштина. Министерството за правда на Косово претходно соопшти дека осудените, кои од Данска ќе бидат префрлени на Косово, не се од категоријата „висок ризик“.
Хаџиу напомена дека притворскиот центар, кој во наредниот период треба да и се изнајмува на Данска, ќе функционира според данскиот закон за третман на затворениците. Ник Хекеруп, министер за правда на Данска изјави дека неговата земја претходно контактирала со други земји со истото барање, но Косово прво дало позитивен одговор.
„Тоа ќе биде еден вид едукација за локалните работници“, рече тој.
Во меѓувреме, Владата на Косово изјави дека тоа што Данска го избрала Косово да го смести вишокот на затвореници, значи дека Косово добро се однесува кон затворениците.
Од друга страна, локалните и меѓународните извештаи за затворите во Косово укажуваат на предизвици и проблеми поврзани со третманот на затворениците. Само во 2020 година во косовските затвори се регистрирани десет смртни случаи, од кои три починале како последица на ковид 19. Исто така, во извештајот на американскиот Стејт Департмент за 2020 година се наведува дека се идентификувани случаи на насилство и малтретирање во косовските затвори.