Замрзнати банкарските сметки на Мисионерките на Мајка Тереза
Владата на индискиот премиер Нарендра Моди ги замрзна банкарските сметки на Мисионерките на милосрдието на Мајка Тереза во Западен Бенгал, соопшти политичкиот лидер на сојузната државата, по протестите против божиќните прослави за време на викендот.
Хиндуистички организации ја прекинаа божиќната миса во делови од Индија во пресрет на локалните избори во наредните месеци. Радикалните хиндуистички организации блиски до партијата на Моди постојано ги обвинуваат Мисионерките на милосрдието (ММ) дека водат програми за верска конверзија под превезот на добротворните програми, нудејќи им пари на сиромашните Хиндуси и племенски заедници, како и бесплатно образование и засолниште.
Опозицискиот лидер и гласен критичар на владата на Моди, Мамата Банерџи реагира дека е шокиран од одлуката.
„Нивните 22 илјади пациенти и вработени останаа без храна и лекови. Иако законот е најважен, хуманитарните напори не смеат да бидат компромитирани“, напиша тој на Твитер.
Нобеловката Мајка Тереза, католичка калуѓерка која почина во 1997 година, ги основа Мисионерките на милосрдието во 1950 година. Нивното седиште е во Западен Бенгал, а имаат повеќе од 3000 калуѓерки ширум светот, кои водат засолништа, народни кујни, училишта, колонии за лепрозни и домови за напуштени деца.
Тие засега не ја коментираа одлуката.
Федералното Министерство за внатрешни работи соопшти дека владата ќе издаде соопштение кога ќе заврши првичната истрага и оти не треба да се мешаат „финансиските неправилности на добротворната организација со нивните верски чувства“.
Од доаѓањето на Моди на власт во 2014 година, десничарските хиндуистички организации почнаа мали напади врз верските малцинства, велејќи дека нивна цел е да спречат верска конверзија.
Христијаните и другите критичари велат дека оправдувањето со спречување на конверзија е лажно, зашто Христијаните се само 2,3 проценти од 1,37 милијарди жители на Индија, додека Хиндусите се огромно мнозинство.
Радикалните Хиндуси викендов ги нарушуваа божиќните прослави, беше вандализирана статуата на Исус Христос во природна големина во Амбала во Харјана. Тие исто така запалиле фигура на Дедо Мраз и извикувале слогани против божиќните прослави и верските преобраќања пред црквата во Варанаси, изборната единица на Моди и најсветиот хиндуистички град, јавуваат локалните медиуми.
Милосрдните сестри горди на светицата Мајка Тереза
Властите не ги коментираа антибожиќните протести.
Неколку индиски држави донесоа или размислуваат за закони против преминување од една религија во друга, кои ја оспоруваат слободата на вероисповест и сродните права кои индискиот Устав им ги гарантира на малцинствата.
Потпретседателот на Сеиндиската католичка унија Елијас Ваз ги осуди неодамнешните инциденти.