Капетан на брод осуден на 20 месеци затвор поради излевање нафта кај Маврициус
Капетанот и првиот помошник на товарниот брод што се насука на корален гребен кај Маврициус, предизвикувајќи ја најголемата еколошка катастрофа кај овој архипелаг во Индискиот Океан, денеска беа осудени на по 20 месеци затвор од судот во главниот град на Маврициус, Порт Луј.
„Судот го зеде предвид фактот што двајцата обвинети ја признаа вината и се извинија“, рече судијката Ида Духи Рамбарун.
Бродот МВ Вакашио во јапонска сопственост, но кој пловел под панамско знаме, се насука во јули 2020, излевајќи повеќе од 1000 тони токсично гориво во недопрените води, загрозувајќи ги мангровите дрвја, коралите и другите кревки екосистеми.
Капетанот Сунил Кумар Нандешвар признал дека пиел алкохол на роденденска забава на бродот. Тој и првиот помошник Хитиханилаџ Субхода Тилакаратна беа прогласени за виновни за „загрозување на безбедната пловидба“.
„Капетанот и неговиот помошник биле неодговорни и не ги исполнија нивните навигациски должности како што треба“, рече судијката.
Бродот пловел од Сингапур кон Бразил со 3800 тони мазут и 200 тони дизел гориво кога се насукал на гребенот кај југоисточниот брег на Маврициус.
За време на судењето, капетанот рече дека дал наредба да се приближат до територијалните води на Маврициус за да фатат мобилна мрежа, за членовите на екипажот да може да им се јават на семејствата.
„Морето беше немирно, но видливоста беше јасна и беше безбедно за пловидба... Во еден момент бродот не можеше да се мрдне и го допре морското дно“, рече тој.
„Со оглед на тоа што испив неколку пијалаци, не ми се чинеше битно за да интервенирам и не ми падна на памет дека пловиме толку блиску“, рече тој.
Повеќе од 1000 тони нафта се излеаја во водите полни со морски свет од процепот во трупот на бродот, пред екипажот да успее да го отстрани преостанатото гориво.
Несреќата се случи во близина на две еколошки критични точки – Синиот Залив, познат по коралните градини и Поанте Д’Eњи, каде што е мангровата шума, клучен екосистем во борбата против глобалното затоплување.
Ден на Планетата Земја
Во деновите по несреќата, илјадници волонтери се упатија во морето да ја исчистат нафтената дамка и да спречат да дојде до загрозените екосистеми. Илјадници луѓе протестираа барајќи владина реакција на катастрофата.
Бродот на крај се подели на два дела. Трупот беше одвлечкан 15 километри од брегот, каде што потона.