Обвинителството на БиХ подигна обвинение за силување во Фоча за време на војната
![Обвинителството на БиХ подигна обвинение за силување во Фоча за време на војната](https://gdb.rferl.org/5931040F-F7AD-44BE-AA8C-91C2C6BA240C_w800_h450.jpg)
Обвинителството на Босна и Херцеговина (БиХ) соопшти дека поднело обвинение против Новица Трипковиќ, викан Војводата од Гацко, за злосторства против човештвото извршени во регионот на Фоча за време на босанската војна 1992-1995 година.
„Обвинетиот се товари дека извршил воени злосторства за силување на две жртви од бошњачка националност заробени и незаконски притворени во областа Фоча како дел од широк и систематски напад на воените, паравоените и полициските сили на војската на Република Српска против бошњачкото цивилно население во општина Фоча“, се вели во соопштението на Обвинителството издадено на 27 декември.
Обвинението е доставено до Државниот суд на Босна и Херцеговина за потврда, се додава во соопштението.
Соопштението доаѓа во време кога Агенцијата за истрага и заштита на Босна и Херцеговина (СИПА) изврши серијата апсења за воени злосторства.
Осум уапсени за воени злосторства во БиХ, се сомничат за убиство на 100 луѓе
Според податоците на меѓународните организации, војните во Југославија зад себе оставија околу 30 илјади жени и три илјади мажи жртви на сексуални насилство. Според податоците во БиХ се силувани околу 20 илјади жени.
За време на војната во БиХ во Фоча се убиени околу 3000 Бошњаци, а се уште се трага по 627 жртви. Во Фоча за време на војната на неколку локации, како во спортската сала „Партизан“ во центарот на градот биле водени жени и девојки и биле силувани.
Пред Меѓународниот суд за воени злосторства во Хаг, пред Судот во БиХ, и пред уште четири судови се изречени вкупно 19 пресуди за воени злосторства на подрачјето на Фоча.