Грција со рекорден број заболени од ковид-19 и нови рестриктивни мерки
![Грција со рекорден број заболени од ковид-19 и нови рестриктивни мерки](https://gdb.rferl.org/cb520000-0aff-0242-eda0-08d9b3fd7965_w800_h450.jpg)
Во изминатите 24 часа во Грција се регистрирани 9.284 нови случаи на Ковид-19, што е рекорден број новозаразени на дневно ниво од почетокот на пандемијата. Во изминатото деноноќие починаа 66 лица, а 629 пациенти се приклучени на апарати на Одделите за интензивна нега во болниците.
Последниот негативен рекорд земјата го регистрираше на почетокот на ноември, кога беа соопштени 8.613 новозаразени, од рекордни 636.213 направени тестови, додека пак денеска, новите случаи се од направени 95.174 тестови.
Од почетокот на пандемијата, во Грција се потврдени вкупно 1.084.153 случаи на Ковид-19, а починаа 20.496 лица.
Нови мерки во Грција: препорака туристите да се тестираат двапати
Од следната недела се воведуваат нови мерки во Грција. Работно време до полноќ за угостителските објекти и ноќните клубови, работа од дома до 50 отсто за јавниот и приватниот сектор, спортски натпревари со само десет отсто исполнетост на стадионите. Новите мерки ќе стапат во сила на 3 јануари, а ќе важат до 16 јануари. Здравствните власти ја оставија отворена можност, доколку е потребно да се продолжи важноста на новите мерки.